
МРТ 3 - Собраниски ТВ канал
На 7 јануари истата 1991 година Телевизија Скопје започнува да емитува програма и на својот трет канал. „Канал 3” се емитува пет дена во неделата по четири часа, целосно „во живо” и со поведри содржини низ кои за првпат во програмите е применет телефонски разговор со гледачите, како и повеќе други атрактивни програмски содржини и акции со кои се анимираат гледачите. Во другите временски појаси Третиот канал е исполнет со преземена сателитска програма и пренесува активностите на Собранието.
Во почетокот Третиот канал се емитуваше преку еден предавател само за подрачјето на Скопје, а подоцна, со помош на општинските собранија, се набавени репетитори и се изградени неопходни инфраструктурни објекти со што е овозможено следење на програмата во уште десетина градови низ Македонија. Co повеќе програмки акции од градовите во кои се следи „Канал 3” се наѕираат развојните можности за создавање регионална телевизиска програма во Македонија и прераснување на дописните во регионални тв-центри.
На 16 март 2005 г. напладне почна да се емитува програма на јазиците на малцинските заедници на Третиот канал на Македонската телевизија. Гледачите од албанска, турска, српска, ромска, влашка и бошњачка националност на оваа фреквенција могат да ги следат емисиите што досега се емитуваа во периодот од 14.30 часот до 19.30 часот на Втората програма. Мултиетничкиот канал на државната телевизија може да се следи на територијата на речиси целата земја, односно со сигнал е покриено повеќе од 85 отсто од населението. Со новиот телевизиски канал е продолжено времетраењето на програмите што ги подготвуваат редакциите на јазиците на националностите. Наместо досегашните пет часа дневно програма, ќе имаат на располагање 12 часа. На албански јазик ќе се емитува деветчасовна програма, а другото време ќе биде за другите малцински заедници.
Согласно Законот за радиодифузната дејност, член 117 ставoви 6 и 7, (“Службен весник на Република Северна Македонија” број 100/2005) Македонската Радио Телевизија обезбедува програмски сервис, исклучиво наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Северна Македонија”. Согласно so Спогодбата за заедничко користење на основнатамрежа на ЈП МРТ за пренесување на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието, склучена меѓу Претседателот на Советот на Собранискиотканал и Работоводниот орган на ЈП МРТ, кога во Собранието нема активности, за време на паузите и пред почетокот на пленарните седници МРТ емитува програма од сопствено производство и обработена програма, што е во надлежност на уредувачката политика на Македонската радио телевизија и се емитува со идентификациски знак МРТ. Во делот од програмата кој е во надлежност на уредувачката политика на МРТ (значи, кога нема собраниски седници) на 4 декември 2006 година, на Собранискиот канал/МРТ вршевме пренос од Првата отворена седница на Владата на РМ што се одржа по повод стоте дена владеење на Кабинетот на Премиерот Никола Груевски. Директно беа емитувани уште четири (вкупно пет) отворени седници на Владата. (Во 2007 година вршевме три преноси од отворените седници на Владата на РМ и еден пренос во 2008-ма година).
Собранискиот ТВ канал / МРТ (поранешен трет канал на МТВ) емитува програма во траење од 14 часа дневно, од 10,00 до 24,00 часот, а по потреба и подолго од овој термин. Покрај директните преноси на пленарните седници на Собранието, на Собранискиот канал, директно или со снимки, се презентира пред јавноста работењето на собраниските комисии, а се емитуваат и преноси или снимки од други активности во Собранието што се составен дел од неговото функционирање. (Меѓународни конференции, официјални посети на странски парламентарни делегации, прес-конференции,активности на Клубот на жени пратенички, на интерпарламентарни лоби групи, на невладини организации и.т.н.) Сите активности во Собранието кои се пренесуваат на Собранискиот канал се емитуваат со собраниско лого. На овој начин се остварува основната функција на Собранискиот канал – јавноство работењето на Собранието на Република Северна Македонија, со што, работењето напратениците се става на увид на оние кои им го дале мандатот, односно, граѓаните на Македонија.
Северна Македонија 1000 Скопје, бул. „Гоце Делчев“ б.б.
тел. +389 2 5119 899 (централа), +389 02 5119 901 (Собраниски сервис)
web-site: www.mrt.com.mk
